Со 134 гласа „за“, 104 „против“ и без воздржани бугарското собрание денеска го изгласа Кирил Петков за нов премиер. Со ист број гласови беше изгласан и составот на владата.
За Петков и неговиот кабинет гласаа пратеницитеод Продолжуваме со промената, Бугарската социјалистичка партија, Има таков народ и Демократска Бугарија, односно од четирите партии кои кон крајот на минатата недела потпишаа коалициски договор. Пратеничките групи на ГЕРБ, ДПС и Вазраждане гласаа против.
Оваа влада се формираше осум месеци по завршувањето на мандатот на третата влада предводена од Бојко Борисов. Во Бугарија годинава три пати се одржаа парламентарни избори, а по првите два циклуса не се формираше политичка влада, па со земјата владееше службена формирана од претседателот Румен Радев.
Новиот кабинет на Петков ќе има вкупно 19 министерства, меѓу кои и две нови- министерство за иновации и раст и министерство за електронско управување. Во кабинетот ќе има и пет вицепремиери.