Велика Британија денеска јавно го повика Иран да ја искористи „последната шанса“ да достави сериозни предлози во преговорите за трајно решение за заживување на шест години стариот нуклеарен договор.
Апелот доаѓа еден ден откако иранскиот претседател Ебрахим Раиси изјави дека Техеран е сериозен во тековните, но прекинати разговори со светските сили во Виена.
Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас, на состанокот на Г7 во Ливерпул, рече дека ова е последна шанса Иран да се врати на преговарачката маса.
Реиси-Техеран е „сериозен“ за обновување на нуклеарниот договор
Договорот меѓу Иран и шесте светски сили беше потпишан во 2015 година. Тој предвидува ограничување на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции, но САД еднострано се повлекоа од договореното во 2018, по што воведоа жестоки санкции против Техеран. Иран потоа почна да го прекршува договорот и да збогатува ураниум повеќе од дозволеното.
Американскиот претседател Џо Бајден побара враќање на договорот, но редоследот на усогласување и други спорни точки спречуваат напредок.
„Ова е нивна последна шанса и од витално значење е да го сторат тоа“, предупреди Трас.
Продолжуваат меѓународните нуклеарни преговори со Иран
„Нема да дозволиме Иран да се стекне со нуклеарно оружје“, рече таа.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок рече дека „времето истекува“ за спасување на договорот.
Се очекува, заедничката изјава по состанокот на Г7 во Ливерпул да вклучи повик до Техеран да ги заузда своите нуклеарни активности и да ја искористи можноста за оживување на договорот.
Иранскиот претседател рече дека ако светските сили се сериозни за укинувањето на санкциите, тогаш може да се постигне добар договор.
Договорот во 2015 беше потпишан од Иран од една страна и САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија од друга.