Босанскиот „Кво вадис, Аида?“ – најдобар европски филм

Продукцискиот тим на филмот „Кво вадис, Аида ?“

Филмот „Кво вадис, Аида?“ на босанската режисерка Јасмила Жбаниќ е прогласен за најдобар европски филм изминатата година на 34. доделување на Европските филмски награди.

Жбаниќ го понесе и признанието за најдобра режија, додека Јасна Ѓуричиќ, главната актерка во филмот кој зборува за геноцидот во Сребреница од 1995 година, е прогласена за најдобра актерка.

„Имаме одговорност на нашите гледачи да им ја дадеме вистината, можеби тоа е тешка вистина, можеби не е профитабилна, но мора да имаме комплексни приказни за напата публика да биде спремна за комплексните времиња кои почнаа“, изјави Жбаниќ во оналјн обраќањето.

Таа им го посвети филмот на мајките од Сребреница.

Европската филмска награда се доделува од 1988 година, по името „Награда Феликс“, а се нарекува уште и европски Оскар.

Филмот „Кво вадис, Аида?“ претходно беше номиниран и за оскар, како и за наградата на британската филмска академија БАФТА.

Филмот зборува за агонијата на мајка која се обидува да ги спаси двата сина и сопругот од српските сили предводени од Ратко Младиќ, кои по влегувањето во тогаш заштитената зона на ОН во Сребреница убија над 8000 бошњачки мажи и момчиња. Меѓународниот суд на правдата во Хаг во 2007 година го означи ова злосторство како геноцид.