Претседателот на Сојузот на Сидникати Дарко Димовски при крајот на денешниот протест пред седиштето на Стопанската Комора изјави дека разговарал со претставници на парламентарното мнозинство и дека добил цврсти уверувања дека измените на законот со кој ќе се прогласи недела за неработен ден ќе се изгласаат во Собранието во текот на следната недела. Тој додаде дека законското решение ќе стапи на сила од 1-ви јануари.
На едночасовен протест денеска излегоа стотици работници и членови на Сојузот на синдикати. Тие пред Собранието од пратениците бараа прогласување на неработна недела, зголемување на минималната плата и К-15 за сите работници, без дискриминација на јавниот сектор. Димовски во својот говор пред Собранието посочи дека од 30 илјади работници со минимална плата во изминатиов период станале вкупно 110 илјади.
„Ги потсетувам дека треба да направат промени на законот за минимална плата, како што знаеме насекаде скапотија, ценовни шокови, по маркетите, по пазарите, а они ништо. Затоа сметаме дека минималната плата треба да изнесува 60 проценти од просечната плата, или како што ни најави премиерот од 1 јануари да изнесува 18 илјади денари. Но, тука не треба да застане, сите плати треба скалесто да растат, бидејќи животните трошоци на сите ни се зголемија. Затоа е неоходна примената на колективните договори,“ изјави претседателот на ССМ Дарко Димовски.
Пораката до работодавачите на протестот кој од Собранието продолжи кон седиштето на Стопанската комора е дека без работничкиот труд ни работодавачите не можат да си извадат плата за себе.
„Нема ништо посилно во оваа држава од независниот работник“ изјави потпретседателот на Синдикатот од јавниот сектор Љубиша Каранфиловски.
Тој повика да престанат поделбите на леви и десни работници, како и да се прекине, како што вели, дискриминацијата на работниците од јавниот сектор.
ССМ бара усвојување на измените и дополнувањата на Законот за работните односи со кои се прогласува недела за ден на неделен одмор согласно договореното на Економскиот – социјален Совет по пат на социјален дијалог и потпишување на Општиот колективен договор за јавен сектор и Општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството.