Пакистанските талибанци презедоа одговорност за убиството на полицаецот кој го обезбедувал тимот за вакцинација против детска парализа, честа мета на милитантите во Пакистан. При нападот еден полициски офицер загина а друг беше тешко ранет.
Нападот го спровеле двајца пакистански милитанти кои додека се возеле на мотор во близина на вакциналниот тим отвориле оган врз нив. Ниту еден од работниците на вакцината против детска парализа не бил повреден во нападот.
Одговорноста за нападот ја презеде пакистанската група Техрик е Талибан, на само два дена откако оваа група прогласи крај на прекинот на огнот со владините сили на 9 декември.
Милитантите во Пакистан често ги таргетираат тимовите за вакцинирање против детска парализа и безбедносните службеници назначени да ги заштитат, тврдејќи дека кампањите за вакцинација се заговор на Западот за стерилизирање на децата
Само во изминативе 4 месеци најмалку 5 полицајци загинале додека обезбедувале вакцинални тимови во слични напади.
Кампањата за имунизација низ целата земја во 156 области има за цел да вакцинира повеќе од 40 милиони деца под пет години против оваа неизлечива болест. Пакистан заедно со соседниот Авганистан се единствените две земји во светот каде болеста останува ендемична.