Иранскиот претседател Ебрахим Раиси изјави дека Техеран е сериозен во своите нуклеарни преговори со светските сили во Виена.
„Ние сме сериозни во преговорите и ако и другата страна е сериозна за отстранување на санкциите, ќе постигнеме добар договор. Дефинитивно бараме добар договор“, изјави Раиси.
До овие негови коментари доаѓа откако разговорите за заживување на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година продолжија по неколкудневна пауза во Виена претходно оваа недела. Европските дипломати го повикаа Техеран да се врати со „реални предлози“ откако иранската делегација минатата недела поднесе бројни барања што другите страни во договорот ги сметаа за неприфатливи.
Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс неделава изјави дека Вашингтон се надева дека наредната рунда разговори „ќе се одвива поинаку“.
Договорот потпишан во Виена во 2015 година, формално познат како Заеднички сеопфатен план за акција, требаше да ја ограничи нуклеарната програма на Иран во замена за олабавени економски санкции. Разговорите беа прекинати во јуни по изборот на антизападниот тврдокорен Раиси за претседател.