Украина вели дека Русија го блокира поголемиот дел од Азовското Море

Русија блокира скоро 70 отсто од Азовското Море околу нелегално анектираниот Кримски Полуостров, соопшти Украинската морнарица.

„Во моментов Русите издадоа навигациски предупредувања за ограничување на пловидбата во одредени области, наводно поради артилериски оган во областите во близина на Мариупол, Бердјанск и Хеническ“, соопшти вчера Украинската морнарица.

Руската страна досега ниту ги потврди, ниту ги демантира тврдењата, кои доаѓаат во услови на зголемени тензии и страв од руска инвазија на Украина.

Русија распореди десетици илјади војници на границата со Украина и на Кримскиот Полуостров, кој го анектира од Украина во 2014 година, кога и почна да го поддржува проруските сепаратисти во источна Украина.

Русија ја предупреди Украина да не го решава конфликтот во источна Украина со сила

На 9 декември, руската Федерална служба за безбедност соопшти дека украински брод се упатил кон Керчкиот Теснец без дозвола. Украина ги отфрли овие тврдења како дел од рускиот „информативен напад“ врз Киев.

Азовското Море е меѓународно море. Русија е на исток, а Украина на Запад. Азовското Море е поврзано со Црното Море преку Керчкиот Теснец.

Во ноември 2018 година, три украински воени брода беа заробени од руската гранична служба додека го поминувале теснецот, а 24 морнари беа ослободени после повеќемесечни преговори.

Американските разузнавачи проценуваат дека Русија има распоредено најмалку 70 илјади војници во близина на границата со Украина и оти би можела да планира офанзива на повеќе фронтови веќе следната година, во која би можело да учествуваат до 175 илјади војници.

Русија негира дека планира напад, и тврди дека Украина и НАТО ги провоцираат тензиите. Москва бара безбедносни гаранции против проширувањето на НАТО во Украина или распоредување војска и оружје на Алијансата таму. Украина не е членка на НАТО, но добива силна поддршка од земјите-членки.

ЕУ и САД се заканија со санкции ако Русија се обиде да ја нападне Украина.