Чекор кон ескалација е одлуката на Собранието на Република Српска, сметаат западните амбасадори во БиХ

Одлуката на Народното собрание на Република Срспка за пренос на надлежностите чија цел ќе биде создавање на паралелни институции во Република Српска е само уште еден чекон кон ескалација, се вели во заедничката изјава на амбасадите на САД, Велика Британија, Франција, Германија, Италија и делегацијата на ЕУ во БиХ. Со вчерашната одлука на Собранието се предвидува пренос на надлежности во областа на индиректното оданочување, областа на правдата и областа на одбраната и безбедноста, како и Декларацијата за уставни принципи.

„ Припадниците на владејачката коалиција во Република Српска мора да бидат свесни дека продолжувањето во насока на оваа слепа улица ја оспорува детјтонската мировна рамка, прави економска штета, и се заканува на стабилноста на земјата и на целиот регион, а воедно ја загрозува иднината на БиХ во ЕУ,“ се вели во заедничката изјава.

Економските можности за граѓаните ќе бидат ограничени со зголемување на тензиите и блокирање на функционалноста на институциите, со тоа ќе се намали бројот на инвестиции и пренасочи фокусот во борбата против корупцијата, се заклучува во изјавата.

На гласањето на вчерашната специјална седница на која се расправаше за „преносот на надлежностите од БиХ на ниво на Република Српска“, присуствуваа 52 од вкупно 83 пратеници, откако мнозинството пратеници од опозициските партии ја напуштија собраниската сала.

Одлуките на Народното собрание на Република Српска стапуваат на сила ден по нивното усвојување, се наведува во нацрт-документите објавени на веб-страницата на Собранието на РС.