Бугарскиот претседател, Румен Радев, денеска му го врачи мандатот за формирање на нова бугарска Влада на Кирил Петков, копретседател на победничката партија на изборите од 14 ноември „Промените продолжуваат“. Претседателот Радев на церемонијата му посака успешен мандат на Петков.
„Вие и партнерските партии во коалицијата имате одговорност да го реформирате маѓепсаниот модел на моќ наследен од 12-годишното тоталитарно владеење. Верувам дека сфаќате дека доколку во првите 100 дена не постигнете решителни реформи во Обвинителството и судството, нема начин коалицијата да ја добие битката за иднината на Бугарија“, изјави Радев.
Мандатарот Петков изјави дека е почестен што го добива мандатот за формирање влада од претседателот на земјата.
„Време е по 32 години бугарскиот народ да почувствува дека властите се грижат за него. Отсега нема да изгубиме ниту ден, ниту час. Се надеваме дека оваа влада ќе биде реалност во понеделник и така ќе биде и во наредните четири години“, рече Петков.
На чинот на предавањето на мандатот присуствуваа и вториот копретседател на „Промените продолжуваат“, Асен Василев, кандидатот за вицепремиер Калина Константинова и претседателот на пратеничката група Андреј Ѓуров.
Се очекува денеса по пладне во Собранието првите луѓе на „Промените продолжуваат“ да ја презентираат структурата и составот на новиот Совет на министри на Бугарија.
Коалицискиот договор вчера го потпишаа победниците од „Промените продолжуваат“, „Демократска Бугарија“, „Има таков народ“, како и од БСП, откако нејзината лидерка во оставка, Корнелија Нинова, доби мандат од партиското раководство да го потпише.