Политичари, хирурзи и офицери

МАКЕДОНИЈА - Mинистерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска се сретна со четворица од петтемина новоизбрани офицери од Армијата на Република Северна Македонија кои во следните четири години ќе извршуваат работни задачи во командните структури на НАТО. Заедно со уште еден офицер, кој веќе е во Измир во Турција, тие ќе бидат првата репрезентација на земјава што ќе ги пополни овие офицерски места во командната структура во НАТО.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека веднаш по изборот на новата Влада, ќе се врати на својата основна професија, на Клиниката за неврохирургија.

МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА - Остануваат разликите во пристапот и разбирањето на улогата на историјата и историското образование во современите општества и градењето на добри односи ослободени од политизирање на историјата, се вели во соопштението по завршувањето на дводневната онлајн средба на Заедничката мултидсциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања.

БИХ - Народното собрание на Република Српска ја продолжува расправата за преносот на надлежностите од БиХ на ниво на Република Српска, во областите на индиректното оданочување, правдата, одбраната и безбедноста. На дневен ред е и Декларацијата за уставните принципи на РС, со која се задолжуваат институциите на РС да изготват устав според кој Бања Лука би била главен град на ентитетот, а Пале, недалеку од главниот град Сараево, престолнина.

ГРЦИЈА - Група на граѓани незаконски привеле директор на грчко средно училиште поради спроведувањето на мерките против ковид-19, јавува новинската агенција МИА. Станува збор за група граѓани кои самите себе си се нарекуваат заштитници на Уставот и јавно се противат на мерките за заштита од ковид-19, против вакцинацијата и генерално го негираат постоењето на пандемијата.

СРБИЈА - Претседателот на Србија Александар Вучиќ, по повод продолжувањето на протестите против изградба на рудник за литиум во западна Србија, денеска рече дека власта ги исполнила сите еколошки барања кои ги добила, а дека сите идни барања се исклучиво политички, и оти тоа сите го знаат.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА / САД - Вишиот суд во Лондон ја дозволи жалбата на САД кои бараат основачот на Викиликс, Џулијан Асанж да се екстрадира во САД и таму да се соочи со кривичните пријави, меѓу кои и за кршење на законот за шпионажа и за заговор за хакирање на владини компјутери, пренесува Ројтерс.

МЕКСИКО - Најмалку 53 луѓе загинале, а десетици се повредени откако камионот во кој се превезувале се превртел во јужно Мексико, соопштија властите.

РУСИЈА / УКРАИНА - Русија ја предупреди владата во Киев да не се обидува да го реши конфликтот во источна Украина со употреба на сила, во време на високи тензии поттикнати од акумулацијата на руските војници во близина на украинскиот граница. Официјални лица во Украина и западните земји велат дека акумулацијата на руски војници и воена опрема може да укаже на тоа дека Москва планира инвазија на соседна земја, што руските власти постојано го негираат.