Опозицијата ја напушти седницата за пренос на надлежности на Република Српска

илустрација

По критиките и обвинувањата од претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ и членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, опозициските пратеници во Народното собрание на РС ја напуштија седницата на која се расправа за трансферот на надлежностите од БиХ на ентитетот на Република Српска.

„Ги послушавме предлагачите и наш заклучок е дека нема да ги поддржиме во нивната намера, бидејќи сметаме дека ова е политичка фарса и подготовка за општите избори во 2022 година“, изјави претседателот на опозицијата на СДС, Мирко Шаровиќ во салата на Народното собрание.

Претходно претседателката на РС Жељка Цвијановиќ (СНСД), ја обвини опозицијата дека сноси дел од одговорноста за недостатокот на единство и дека чека готови решенија.

Во бурната расправа во која пратениците дофрлуваа од клупа, таа рече дека не се точни оценките дека државата се турка до работ на карпата.

„Каква војна? Никој од нас никогаш не рекол дека ќе има војна. Вие застанавте на страната на оние во Федерацијата БиХ кои зборуваат за војна“, рече Цвијановиќ.

Народното собрание на Република Српска ја продолжува расправата за „преносот на надлежностите од БиХ на ниво на Република Српска“, во областите на индиректното оданочување, правдата, одбраната и безбедноста. На дневен ред е и Декларацијата за уставните принципи на РС, со која се задолжуваат институциите на РС да изготват устав според кој Бања Лука би била главен град на ентитетот, а Пале, недалеку од главниот град Сараево, престолнина.