Остануваат разликите во пристапот и разбирањето на улогата на историјата и историското образование во современите општества и градењето на добри односи ослободени од политизирање на историјата, се вели во соопштението по завршувањето на дводневната онлајн средба на Заедничката мултидсциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања.
Како што наведуваат од МНР, во текот на овие два дена членовите на Комисијата повторно дискутирале по забелешките за учебниците по историја.
„По исцрпна дискусија вториот ден покажа дека двете страни се сè уште далеку од решение кое би довело до подобрување на образовниот процес и остварување на заедничката цел градење добрососедски односи и пријателство во кое минатото и различните толкувања на историјата нема да бидат пречка,“ се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Се додава дека пристапот кој се заснова на позитивните европски искуства и препораките на Советот на Европа и УНЕСКО остануваат основа во работата на македонската страна во Комисијата и од тука произлегуваат главните недоразбирања со колегите од Софија, кои како што се наведува, остануваат на исклучивиот пристап кој е туѓ на современото разбирање на историското образование кое подразбира мултиперспективен и интердисциплинарен пристап.
На денешната, како што ја оцени претседателот на бугарскиот тим Ангел Димитров, „неплодна средба“ историчарите зборувале за цар Самуил, посочувајќи дека се уште „се заглавени во 10. и 11. век“. Димитров додаде дека стравува оти работата на Комисијата ќе биде тешка и во текот на следната година.
„Кога не сакате да ја прифатите основна формулација на Договорот за пријателство и добрососедство, а тоа е заедничка историја, значи дека се сомневате во примената на тој договор,“ изјави Димитров.
Во текот на двата дена членовите на Комисијата работеле и на усогласување на содржината на записниците од минатите средби. Бил договорен и датумот и за следната средба која ќе се одржи на 24 и 25 февруари следната година.
Мешовитата македонско-бугарска комисија беше формирана согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во 2017 година. На претходната средба која се одржа во изборен период во двете земји не беа усвоени никакви решенија и препораки. Ова беше последниот петти состанок на Комисијата за оваа година.