Српското собрание ги усвои измените на законот за референдум

Собранието на Србија ги усвои измените на Законот за референдум и народна иницијатива. „За“ гласаа 193 пратеници, односно сите присутни, од вкупно 250 пратеници.

Со измените на четири законски членови од Законот за референдум и народна иницијатива, донесени во парламентот на 26 ноември, се укинуваат таксите за проверка на потписите, за помалку од четири години нема да може да се распише референдум за истото прашање, додека парламентот нема да може да донесе поинаква одлука од онаа потврдена на референдумот.

Со измените се овозможува и претставниците на овластените предлагачи да бидат дел од телото за спроведување на референдумот.

Претходните измени на тој закон беа усвоени пред две недели, претседателот на Србија ги потпиша, но потоа им предложи на Владата и на Собранието да ги доработат и изменат прописите.

Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека се започнати активности за одржување референдум на 16 јануари следната година.

Тој рече дека измените на Законот за референдум и повлекувањето на измените на Законот за експропријација се добра можност да се разбере дека министрите треба подобро да ги слушнат граѓаните.

„Ова не е првпат некои закони да се враќаат. Има многу случаи кога претседателот вратил одредени закони, а тоа е негова уставна надлежност“, рече Дачиќ.

Тој прецизираше дека Собранието нема да се изјасни за Законот за експропријација, откако претседателот ќе го врати на нова одлука во Собранието и дека може повторно да влезе во процедура кога Владата ќе оцени дека е потребно.

Поради двата закони, кои државниот парламент ги усвои на 26 ноември, изминативе два викенда се одржаа протестни блокади на патиштата во неколку српски градови, со барање од граѓаните итно да се повлечат, а Советот за борба против корупцијата оцени дека се донесуваат на штета на граѓаните и во интерес на крупниот капитал.

По протестот на десетици илјади граѓани во повеќе градови во Србија, Владата на 8 декември го повлече Законот за експропријација и го испрати Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за референдум и народна иницијатива, како што предложи претседателот.

Граѓанското движење „Крени-Промени“, еден од организаторите на протестот во изминатите два викенда, ваквиот епилог го оцени како прва демократска победа на граѓаните од 2012 година, кога на власт дојде Српска напредна партија, предводена од претседателот Александар Вучиќ.