САД се одлучни „да ја спасат Босна и Херцеговина од амбисот“ поради сецесионистичките закани од српските националисти, но и да ги искористат санкциите, меѓу останатите опции, рече високиот претставник на Стејт департментот Дерек Чолет, пишува британски Гардијан.
Чолек, кој е виш советник на американскиот државен секретар Ентони Блинкен, изјавата ја даде во пресрет на седницата на Народното Собрание на Република Српска, каде за денеска е најавена расправа за пренос на надлежностите од државата на ентитетот, што не е според одредбите на Уставот на БиХ.
Република Српска сака да ги преземе надлежностите што ги има владата на Босна и Херцеговина во Сараево.
Најавено е дека Собранието ќе расправа за пренос на надлежностите во областа на индиректното оданочување, правосудството, одбраната и безбедноста.
Гардијан оценува дека ваквите чекори означуваат пат кон сецесија, за што во последните месеци често зборува членот на Претседателството од редовите на српскиот народ Милорад Додик.
Чолет минатиот месец беше во БиХ и им порача на членовите на Претседателството дека повлекувањето од државните институции нема да помине неказнето.
Чолет на босанските челници им предал писмо од државниот секретар Блинкен во кое тој нагласува дека САД би можеле да им воведат санкции на оние кои еднострано се обидуваат да се повлечат од државните институции или да го дестабилизираат мировниот договор.