Демократија, струја и марихуана
САД - Американскиот претседател Џо Бајден предупреди на назадување на правата и демократијата ширум светот при отворањето на виртуелениот самит на кој учествуваат претставници од околу 100 земји.
МАКЕДОНИЈА - Mинистерката за одбрана Радмила Шекеринска по демонстрацијата на изведување на Мисијата на НАТО за воздушно патролирање над Северна Македонија изјави дека Алијансата заштитува, обединува и зацврстува. Со ова, како посочи Шекеринска, нашиот воздушен простор целосно се приклучи во НАТО воздушното патролирање.
ЕУ / ХРВАТСКА - Европската комисија и словенечкото претседателство на Советот на ЕУ вечерва соопштија дека Хрватска е подготвена да влезе во Шенген.
БЕЛОРУСИЈА - Полската истрага утврди дека немало закана за бомба во авионот на Рајанер, кој принудно слета во Минск на почетокот на оваа година, дозволувајќи им на белоруските власти да го уапсат опозицискиот блогер Раман Пратасевич и неговата девојка.
БУГАРИЈА / МАКЕДОНИЈА - Бугарското Министерство за надворешни работи не е информирано за француската иницијатива, јави бугарската агенција БГНЕС откако првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби спомена таква иницијатива. Дипломатски извори од Европската комисија за бугарската агенција исто така навеле дека не постои таква иницијатива. Претходно, македонскиот вицепремиер Артан Груби изјави дека таква иницијатива постои.
МАКЕДОНИЈА - Заложбите на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) не го даваат очекуваниот резултат, рече денеска претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска, на конференција Избери го вистинскиот правец! Избери интегритет!, со што се одбележа Меѓународниот ден посветен на борбата против корупцијата - 9 Декември.
МАКЕДОНИЈА - Полицијата пресече меѓународен канал за транспорт на дрога од Косово при што се запленети околу 200 килограми марихуана во вредност од околу 600 илјади евра и се лишени од слобода шест лица, македонски и косовски државјани, информира денеска Министерството за внатрешни работи.
МАКЕДОНИЈА - ЕСМ не достави понуда до универзалниот снабдувач ЕВН Хоум затоа што одлуката од Владата во однос на препорачаната цена и количините на струја била за шест месеци, а тендерот на ЕВН Хоум е за 12-месечен период, соопштија денеска од АД ЕСМ.