Полската истрага утврди дека немало „закана за бомба“ во авионот на Рајанер, кој принудно слета во Минск на почетокот на оваа година, дозволувајќи им на белоруските власти да го уапсат опозицискиот блогер Раман Пратасевич и неговата девојка.
Националното јавно обвинителство, кое ја надгледуваше истрагата во денешното соопштение наведе дека „целата ситуација е само изговор да се принуди пилотот да слета“ во главниот град на Белорусија.
Пратасевич и руската државјанка Софија Сапега беа уапсени на 23 мај кога авторитарниот белоруски владетел Александар Лукашенко го принуди патничкиот лет на Рајанер да слета во Минск.
Многу земји го сметаа чинот како „државно киднапирање“ додека авионот леташе од Атина до главниот град на Литванија, Вилнус. На авионот не беше пронајдена бомба, и покрај тврдењата на Белорусија дека добила е-пошта со предупредување за постоењето на експлозиви на летот.
Овој потег предизвика меѓународен гнев и барања за ослободување на Пратасевич и Сапега. Полските обвинители соопштија дека патниците и претставниците на авиокомпаниите биле испрашувани како сведоци во текот на истрагата. Авионот бил и прегледан, а анализирани се и снимките од пилотите.
„Досегашните наоди од истрагата покажуваат дека на 23 мај 2021 година, офицер на белоруската КГБ бил во кулата за контрола на летање во Минск, [и] му дал инструкции на контролорот на летање кој имал контакт со пилотот на авионот“, се вели во соопштението.