Пендаровски: Демократијата ги има сите ингеренции да надвладее над авторитаризмот

Претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на пленарната сесија на Самитот за демократија, што се одржува виртуелно во организација на претседателот на САД, Џо Бајден.

„Оваа година, Северна Македонија одбележува три децении од Денот на независноста, од времето кога ја прифативме демократијата и ги заштитивме со нашиот Устав- слободата, основните човекови права и правда за сите. Нашата демократија се изроди по половина век авторитарно владеење. По падот на комунизмот, во исто време поминавме низ сложен процес на градење на држава и на демократија“, рече Пендаровски во своето обраќање.

Според него, Северна Македонија, и покрај тоа што успешно ја избегнала граѓанската војна, била дел од регионот во Европа каде што биле извршени најужасните воени злосторства по Втората светска војна. Тој порача дека стратешките цели за членство во НАТО и Европската Унија биле силен поттик дополнително да се зајакне довербата на граѓаните во демократскиот модел на управување. Но, како што наведе, во последната деценија, на сите континенти, дури и во утврдените демократии има пораст на популизмот и авторитарните тенденции кои ја предизвикуваат демократијата и ја прават ранлива.

Тој истакна дека не постои алтернатива и не треба да се губи време. Според него, ревитализацијата на демократијата е од суштинско значење за справување со овој предизвик без преседан во времето. Шефот на државата порача дека потребно е заеднички да се одбрани начинот на живот од авторитарни држави и ентитети, на решителен и координиран начин. Потоа, да се зголемат напорите во борбата против корупцијата и организираниот криминал бидејќи тие го нарушуваат владеењето на правото и довербата на јавноста во демократијата и, како такви, претставуваат закана за националната безбедност. И како последно порача дека е потребно да се заштитат човековите права и слободи преку градење на цврсти, одговорни институции, силно граѓанско општество и слободни медиуми.

„Демократијата ги има сите ингеренции да надвладее над авторитаризмот, а заедницата на демократските народи е должна да ја промовира и заштити. Алтернатива е враќање назад во историјата обележана со уништување и огромно страдање на милиони луѓе. Светот заслужува многу подобра иднина. Само во демократија можеме да бидеме сигурни за исходот“, порача Пендаровски.