Бугарското Министерство за надворешни работи не е информирано за француската иницијатива, јави бугарската агенција БГНЕС откако првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби спомена таква иницијатива. Дипломатски извори од Европската комисија за бугарската агенција исто така навеле дека не постои таква иницијатива.
„Во дипломатските кругови нема таков предлог, соопшти Брисел“, пишува БГНЕС.
Груби денеска изјави дека постои француска иницијатива за решавање на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија. Тој вели дека чекаат од новите власти во Бугарија на конструктивен начин да му постапат на дијалогот, за како што рече, да се постигне зделка која ќе ја отвори вратата кон ЕУ.
„Да, има вистина дека има француска иницијатива, за да седнат на маса, за да се надминат сите разлики на начин што наредните месеци на 2022 година, на пролет, да се одржи првата меѓувладина конференција“, рече Груби кој учествуваше на манифестација за наградување на најуспешните компании.