Привремениот премиер на Бугарија, Стефан Јанев изјави дека нема промена во ставот и нема ништо што јавноста не знае во врска со преговорите на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија.
„Она што го гледаме, медиумскиот ентузијазам што го покажаа странските лидери или странски медиуми, мислам дека не треба длабински да го коментираме во бугарскиот Парламент, бидејќи од оваа говорница не можеме да им кажеме на нашите колеги од соодветните влади што и како да направат“, рече Јанев како одговор на прашање од пратеник од „Има таков народ“ во Народното собрание.
Според него, позицијата на Бугарија за Република Северна Македонија, но и за целиот регион на Западен Балкан е постојана и непроменлива. Тој додаде дека нивното тврдење како држава е дека Северна Македонија не ги исполнува своите обврски од договорот за добрососедство. Јанев посочи дека бугарската позиција е позната, јавна, со т.н пет плус една точка.
„Ова е шемата по која може да продолжат разговорите и се надеваме на добронамерниот однос на нашите колеги од Северна Македонија за да се постигне овој неопходен дијалог, да се надминат разликите за да се одреди датум за првата конференција и, соодветно, да отпочнат преговорите на оваа земја со ЕУ“, додаде тој.
По парламентарните избори во Бугарија, трети по ред годинава, се уште не е формирана нова влада во земјата.