Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска изјави дека постои француска иницијатива за решавање на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија. Тој вели дека чекаат од новите власти во Бугарија на конструктивен начин да му постапат на дијалогот, за како што рече, да се постигне зделка која ќе ја отвори вратата кон ЕУ. Груби денеска учествуваше на манифестација за наградување на најуспешните компании.
„Да, има вистина дека има француска иницијатива, за да седнат на маса, за да се надминат сите разлики на начин што наредните месеци на 2022 година, на пролет, да се одржи првата меѓувладина конференција“, рече Груби.
Тој додаде и дека апсолутно постои оптимизам за преговори и за добивање позитивен сигнал на декемврискиот самит на ЕУ за отпочнување на преговори за С. Македонија и за Албанија во првите месеци од следната година.
„Ние работиме, одговорите на нивните барања се веќе испратени и може да се разговара по однос на тие одговори со новата Влада во соседна Бугарија“, рече Груби.
Прашан како ја толкува вчерашната порака од Бугарија дека нема да се промени нивниот став, Груби повтори дека се надеваат на конструктивен пристап од бугарска страна.
На вчерашната седница бугарската техничка влада повтори дека Бугарија нема намера да ја промени позицијата за Северна Македонија до крајот на годинава и нема да одобри почеток на преговори со ЕУ.
По парламентарните избори во Бугарија, трети по ред годинава, се уште не е формирана нова влада. Кирил Петков, која ќе ја предводи новата влада оцени дека ќе бидат потребни шестмесечни преговори за да се дојде до решение.