Вложувањата на државата во високото образование и научноистражувачката работа се недоволни, вели проректорот за студентски работи на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, Марјан Ѓуровски. Тој упати критика дека високото образование е маргинализирано, а припадниците на академската заедница се чувствуваат како сирачиња, наспроти основното и средното кои се високо на приоритетната листа на државата.
Видете и ова: Миграцијата на младите го чини Западен Балкан 5,5 милијарди евра годишно„Да ја искажам својата загриженост за влијанието, начинот и местоположбата која ја има македонското образование и особено научноистражувачката работа во однос на тоа што државата дава за македонската наука. Некаде под 0,3 проценти од бруто-домашниот производ се вложуваат во научните истражувања на државните високообразовни институции генерално во нашата држава, наспроти развиените држави каде што тоа е од 2 до 4 проценти. Со вакво ниво на вложување во научноистражувачката работа и партиципацијата на државата во високото образование не можеме да направиме значителен чекор напред. Сметам дека отворено треба да продискутираме каква наука и концепт на високо образование ѝ се потребни на нашата држава“, рече Ѓуровски.
Недостигот на пари се одразува со дефицит на соработнички кадар, а поради тоа вежби на факултетите се практикуваат сè поретко.
„Во услови кога е сериозен недостигот на асистенти и доценти речиси на сите државни универзитети, вклучително и на Битолскиот, на нашите факултети речиси не се реализираат вежби во наставниот процес зашто немаме ни помлади асистенти, асистенти докторанди, а оттука и немаме ни развој во доценти. Сериозниот недостиг на соработнички кадар се одразува врз праксата и вежбовните активности на нашите студенти“, додаде проректорот.
Парите што ги добиваат од студентите факултетите мора да ги вложуваат во научноистражувачка работа или, пак, да ги обезбедат преку проекти од ЕУ и од НАТО.
„Сѐ повеќе се наметнува парадигмата во која високото образование се става во контекст на нешто што би претставувало приватно добро, приватен интерес и на крај приватна одговорност, а не јавно добро. Идната опасност не доаѓа од новиот тип на универзитет, туку од губењето на потребата за каков било универзитет во кој хармонично живеат образованието и научноистражувачката работа“, рече Ѓуровски.