Полицијата вчера пресече меѓународен канал за транспорт на дрога од Косово при што се запленети околу 200 килограми марихуана во вредност од околу 600 илјади евра и се лишени од слобода шест лица, македонски и косовски државјани, информира денеска Министерството за внатрешни работи.
Портпаролот на МВР, Сузана Прањиќ Талевска соопшти дека полицајци во рамки на акцијата извршиле претрес на неколку патнички возила, во две биле пронајдени пакети марихуана, а две возила биле ангажирани како обезбедување на транспортот на дрогата.
На автопатот „Пријателство“, во едно возило биле пронајдени куфери во кои имало 55 пакувања марихуана. Возилото било со скопски регистерски таблички, а го управувало 51-годишно лице од Скопје. Истовремено, при контрола на друго патничко возило со скопски регистарски ознаки, управувано од 30 годишен човек од Скопје биле пронајдени црни вреќи со вкупно 116 пакувања марихуана. Биле сопрени уште две патнички возила и двете со скопски регистерски таблички и управувани од лица од Скопје. И во двете имало и сопатници, едниот од Косово, а другиот од Скопје. Овие возила биле ангажирани за да го обезбедуваат транспортот на дрогата, информираат од МВР.
Во консултација со Јавен обвинител полицијата извршила претрес во дом на Б.Р., при што биле пронајдени торба со 29 пакувања со марихуана, кеса со марихуана, фантомка, дигитална вага и 11 куршуми, додека при извршен претрес во домот кај Е.А. пронајдени се еден сигнален пиштол марка „Екол“ 9мм со празна рамка, како и еден пиштол „Црвена застава“ 9 мм со една рамка со 10 куршуми за него, додека во куќниот двор било пронајдено патничко возило „БМВ“ донесено од Косово без соодветна документација, при што од страна на Царинската управа е одземено за понатамошна проверка.
МВР соопшти дека до надлежното Јавно обвинителство против лицата ќе биде поднесе кривична пријава.