ЕСМ не достави понуда до универзалниот снабдувач ЕВН Хоум затоа што одлуката од Владата во однос на препорачаната цена и количините на струја била за шест месеци, а тендерот на ЕВН Хоум е за 12-месечен период, соопштија денеска од АД ЕСМ.
Оттаму посочуваат дека ќе се јават на следниот тендер на универзалниот снабдувач кој треба да биде за периодот јануари-јуни 2022 година.
Ова е четврти тендер на ЕВН Хоум на кој ЕСМ не поднесува понуда.
Вчера, министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека цената на струјата во следните шест месеци од 2022 година нема да се зголеми повеќе од 10 проценти.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, денеска за „Утрински брифинг“ рече дека ЕСМ на повикот за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во 2022 добил исклучиво неповолни понуди од 300 евра за мегаватчас.
Тој очекува иста понуда од трговците да добие и МЕПСО за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во преносната мрежа.