Нов состанок на мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања се одржува денеска и утре во онлајн формат поради пандемијата со коронавирусот.
Во пресрет на денешниот состанок на Комисијата, копретседавачот од бугарска страна Ангел Димитров истакнува дека на него ќе се разговара за она „за што се зборува веќе пет состаноци по ред“.
„Заглавивме во 10-11 век – крајот на Првото бугарско царство, времето на цар Самуил и неговите наследници. Не останува време да разговараме за заедничкото чествување на двете држави на Гоце Делчев“, рече Димитров пред неколку денови за БНТ.
Тој наведе дека македонските историчари не се подготвени да работат „според принципите карактеристични за секоја наука – упатувањето и почитувањето на фактите и изворите“.
Мешовитата македонско-бугарска комисија беше формирана согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во 2017 година. Ова е последниот петти состанок на Комисијата за оваа година.
На претходната средба која се одржа во изборен период во двете земји не беа усвоени никакви решенија и препораки.