Разговорите меѓу светските сили и Иран во врска со контроверзната нуклеарна програма на Техеран ќе продолжат денеска во Виена, соопшти Енрике Мора, кој претседава со разговорите. Преговорите, чија цел е оживување на закочениот нуклеарен договор од 2015 година со кој Иран се согласи да ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите, минатата недела влегоа во тежок почеток. Соединетите држави, кои го напуштија договорот во 2018 година, додека со земјата раководеше претседателот Доналд Трамп, сега под раководство на претседателот Џо Бајден се отворени за повторно приклучување на пактот. САД го обвинија Иран дека не е сериозно заинтересиран за нов договор.
Германија - Предлозите на Иран за нуклеарната програма се неприфатливи
И Германија, членка на групата земји кои го потпишаа првичниот договор на шести декември соопшти дека ги разгледала предлозите на Техеран за рестартирање на договорот и дека заклучиле оти Иран ги прекршил речиси сите компромиси до кои се дошло претходно, во месеците напорни преговори. Предлозите „не беа основа за успешен крај на разговорите“, рече портпаролката на германското Министерство за надворешни работи, додавајќи дека Берлин очекува Иран да се врати во меѓународните преговори со „реални“ преговарачки позиции. Иран, кој одби да учествува во директни разговори со Вашингтон, рече дека не може да има нов договор доколку не се укинат сите казнени санкции наметнати против Техеран.