Владата на Србија на седницата на 8 декември донесе одлука за повлекување на Законот за експропријација од собраниска процедура, кој беше вратен во Собранието на Србија на повторно разгледување од претседателот Александар Вучиќ. Во соопштението се наведува дека Владата ќе направи анализа дали се неопходни измени на Законот за експропријација. „Доколку се утврди дека Законот треба да се менува, Владата тоа ќе го направи со широка јавна расправа во која ќе бидат вклучени стручната јавност, стручните здруженија, претставници на стопанството и граѓанскиот сектор“, се вели во соопштението.
Рудникот за литиум на Рио Тинто предизвика гнев во Србија
Претходно, српскиот претседател Александар Вучиќ наведувајќи дека „побарал“ од српската влада да не донесува нов Закон за експропријација, рече дека јавната дебата може да трае до шест месеци и дека треба да се постигне широк општествен консензус за тоа прашање. „Без широк општествен консензус нема да одиме на Законот за експропријација“, потенцира тој. Вучиќ изрази уверување оти по неговата одлука да го врати контроверзниот Закон за експропријација, српската влада ќе се согласи законот да не се врати во Собранието бидејќи, како што наведе, смета дека нема да има парламентарно мнозинство за усвојување.
Блокади и протести во повеќе од 50 градови во Србија
Зборувајќи за Законот за референдум, Вучиќ рече дека тој го потпишал законот и дека нема дилема дали е неуставен. Вучиќ рече дека ги добил барањата на неколку здруженија за тој закон и дека, како што додаде, разбира колку е важно граѓаните да зборуваат за Законот за експропријација. „Знам, сите ќе кажат: „Ова е пораз на Вучиќ“ - но јас сум претседател на сите граѓани, без разлика колку ја сакам партијата што ја водам“, рече тој. На веста за повлекување на законот реагираше Саво Манојловиќ од движењето „Оди на промени“, еден од организаторите на еколошките протести во Србија. Манојловиќ во објава на социјалната мрежа Твитер прогласи победа. Тој најави дека, доколку се биде законски завршено до утре, ќе се организира прослава на Плоштадот на Републиката во Белград. Незадоволни од предложените измени на Законот за експропријација и Законот за референдум, илјадници граѓани два викенда по ред ги блокираа главните сообраќајници во Белград и десетици српски градови, барајќи законите да се повлечат од собраниска процедура.