Косовскиот заменик-министер за правда најави посета на осудените за „Диво насеље“

Оштетени куќи од вооружениот судир во кумановско Диво Насеље во мај 2015

Заменикот министер за правда на Косово, Блерим Салаху најави дека утре ќе ги посети косовските државјани кои се осудени за случајот „Диво насеље“, кои ги служат казните во македонските затвори.

Во синоќешното интервју за телевизијата Т7, Салаху рече дека, по воспоставената комуникација со македонското Министерство за правда, добил дозвола за в четврток да ги посети затворениците осудени за споменатиот случај.

„Како Министерство, имајќи го предвид Законот за државјанство, во кој се нагласува јасно дека државјанинот има тесни врски со државата, ние имаме обврски (кон државјаните на Косово). Имаме потврда од македонскиот заменик министер за правда дека можеме да ги посетиме в четврток. Ќе ги посетиме, ќе ги видиме условите, потоа ќе преземеме мерки, како што е испраќање дописи до тамошната влада за да создадат подобри услови“, рече Салаху.

Претставникот на Владата во Приштина побара целосно расветлување на случајот и расчистување на дилемите околу тоа што точно се случи во кумановската населба во 2015 година.

„Јас целосно се согласувам со потребата овој случај да се расветли, почнувајќи од прашањата како тие луѓе отидоа таму. Значи, зошто се случи тоа што се случи, кој го организираше“, рече Салаху.

Осум полицајци и 14 осомничени терористи ги загубија животите во крвавата дводневна битка на 9 и 10 мај 2015 година во Куманово. Десетици беа приведени од полицијата, а ранети беа уште најмалку 40 лица.

Вкупно 33 лица обвинети добија затворски казни во времетраење од 12 години до доживотно, а четворица се ослободени од обвинението. Седуммина се осудени на доживотна затворска казна. Основниот кривичен суд Скопје на уште 13 обвинети им пресуди 40 години затвор, на шестмина по 20 години, на еден обвинет 18 години, на двајца обвинети по 14 години, на двајца по 13 години, и на по 12 години уште двајца од обвинетите.