Куршуми и маски
РУСИЈА - Вооружен човек пукал во владин сервисен центар во Москва и убил двајца луѓе откако му било кажано да стави маска на лицето, соопштија локалните власти, а пренесуваат медиумите. Четворица други се повредени. Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин на руската социјалната мрежа ВКонтакте напиша дека пукањето се случило во центарот за документи Разјански денеска.
БУГАРИЈА / МАКЕДОНИЈА - Кандидатот за премиер на Бугарија, Кирил Петков, во изјава за германски Шпигел оценува дека доколку веднаш и без дискусија се даде зелено светло за пристапните преговори за Македонија, само ќе ги зајакне националистите во двата табора.
БЕЛОРУСИЈА / ЕУ - Режимот на авторитарниот белоруски лидер Александар Лукашенко соопшти дека ќе забрани широк спектар на увоз на храна од земјите-членки на Европската унија, Соединетите Американски Држави и други земји почнувајќи од следната година а како одмазда за санкциите воведени против Минск.
МАКЕДОНИЈА - Основните трошоци на едно четиричлено семејство во ноември се зголемени за 320 денари во споредба со октомври, објави денеска Сојузот на синдикати на Македонија, кој ја изработува синдикалната минимална кошница.
ЕУ / КОСОВО - Високиот претставник на Европската унија за заедничка надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел изјави дека е бесмислено да се организира нова рунда дијалог на највисоко политичко ниво меѓу Србија и Косово кога нема индиции дека страните се подготвени да напредуваат, јавува балканскиот сервис на Радио Слободна Европа.
САД / РУСИЈА - Заврши средбата преку видео врска на американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин, јавува агенцијата Ројтерс. Двајцата лидери разговараа во време на зголемени тензии поради трупањето на руски војници на украинската граница поради што западните земји стравуваат дека Москва се подготвува да го нападне својот јужен сосед.
БИХ - Специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар денеска во Сараево изјави дека нема да има војна во Босна и Херцеговина, ниту армија на Република Српска.
МАКЕДОНИЈА - Очекувам земјата да ги почне преговорите со Европската унија за нешто повеќе од една недела од денеска, затоа што тоа го заслужи не само поради реформите, туку едноставно, поради сето она што го направија македонскиот граѓанин и Македонија заслужија да има почеток на преговорите, изјави денеска во Штип лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.