Режимот на авторитарниот белоруски лидер Александар Лукашенко соопшти дека ќе забрани широк спектар на увоз на храна од земјите-членки на Европската унија, Соединетите Американски Држави и други земји почнувајќи од следната година а како одмазда за санкциите воведени против Минск.
Забраната ќе се однесува на увозот од ЕУ, САД, Канада, Велика Британија, Норвешка, Албанија, Исланд, Северна Македонија, Црна Гора, соопшти владата на 7 декември. Мерката, која треба да остане во сила шест месеци ќе почне на први јануари и ќе ги опфати прехранбените производи како што се месото, колбасите, млечните производи, зеленчукот, овошјето и сол. Владата соопшти и дека повеќе производи може да бидат забранети во случај на дополнителни санкции од западните земји.
Европската унија, Соединетите Американски Држави и другите западни земји воведоа неколку рунди санкции кон Минск поради задушувањето на продемократските протести кои беа организирани против реизбор на Лукашенко лани во август кој се смета за спорен. Минатата недела санкциите беа проширени на официјални лица и бизниси за наводно поттикнување на миграциска криза на источната граница на Европската унија.