Високиот претставник на Европската унија за заедничка надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел изјави дека е „бесмислено“ да се организира нова рунда дијалог на највисоко политичко ниво меѓу Србија и Косово кога нема индиции дека страните се подготвени да напредуваат, јавува балканскиот сервис на Радио Слободна Европа.
„Јасно ставивме до знаење по двата состанока што се одржаа годинава дека подготвеноста на двете страни да се договорат за конкретни резултати е предуслов за следниот состанок. Би било сосема бескорисно да се организира уште една средба доколку овие услови не се исполнат“, рече Борел кој додаде дека според неговиот впечаток нема подготвеност на страните за договор.
Борел изјавата ја даде по средбата со косовскиот премиер Албин Курти во Брисел. Двајцата присуствуваа на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Европската унија и Косово.
Прашан за подготвеноста на официјална Приштина да го спроведе договорот за формирање на Заедница на српски општини во Косово шефот на косовската влада Курти рече дека станува збор за договор кој „не го положил испитот пред Уставен суд на Косово“.
„Србија не спроведува две третини од бриселскиот договор, но Белград сака да спомене еден договор. Кога Уставниот суд ја донесе одлуката, ниту еден косовски Србин не протестираше, само Белград“, рече Курти.
Тој додаде дека „идниот дијалог меѓу Косово и Србија не треба да ги задоволува политичарите или да го зачува образот на еден политичар, туку да биде од корист за народот“. Курти оцени и дека „ договорот за формирање Заедница на српските општини му служи на Белград, а не на Србите на Косово, на кои тој им е и премиер“.
Во врска со ова реагираше шефот на европската дипломатија Борел кој рече дека не се согласува со изјавата на косовскиот премиер.
„Не се согласувам со вас дека одлуката на Уставниот суд го спречува спроведувањето на договорот. Овој договор беше постигнат во добар дух. Жал ми е, но мора да продолжиме да бараме имплементација на договорот“, рече Борел додавајќи дека постојат договори кои двете страни мора да ги спроведат.
На седницата на Советот за стабилизација и асоцијација се испитува колку се спроведени одредбите од пристапните преговори на одредена земја со Европската унија. Косово и ЕУ постигнаа Договор за стабилизација и асоцијација во 2015 година.