Очекувам земјата да ги почне преговорите со Европската унија за нешто повеќе од една недела од денеска, затоа што тоа го заслужи не само поради реформите, туку едноставно, поради сето она што го направија македонскиот граѓанин и Македонија заслужија да има почеток на преговорите, изјави денеска во Штип лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ние ги споделуваме тие вредности со ЕУ и навистина ова е крајно време ЕУ на дело да ги покаже своите вредности и да ги напушти оние хегемонистички барања на нашиот источен сосед коишто немаат никаква врска со европските вредности, туку тоа се едни барања коишто се можеби соодветни за 2-3 века во минатото, а не за два или три века во иднината“, рече Мицкоски.
Вицепремиерот за европски интеграции Никола Димитров, пак, минатата недела кажа дека за да не се разочараме, подобро да не очекуваме добар исход на Советот за општи работи на ЕУ кој треба да се одржи на 14 декември.
„Со оглед на краткиот период, имаме само неколку дена до Советот за општи работи мислам дека е крајно неодговорно какви било очекувања да создаваме тогаш“, рече Димитров.
Бугарија лани го блокираше македонскиот европски напредок со тврдење дека земјава не го почитува Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година.
Неодамна бугарскиот претседател Румен Радев рече дека инсистираат земјава да преземе конкретни активности за запирање на говорот на омраза кон Бугарија во учебниците по историја, во државните и научните институции, во јавните медиуми, потоа да запре фалсификувањето на бугарската култура и историско наследство и особено да се почитуваат правата на граѓаните кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет.