Литванските пратеници ја продолжија вонредната состојба на границата со Белорусија и во камповите во кои се сместени мигранти кои пристигнале оттаму. Со мерката што денеска ја одобрија пратениците, вонредната состојба е продолжена до 14 јануари.
Целта на мерката е „спречување на можни провокации на граничните пунктови“, соопшти Министерството за внатрешни работи на Литванија.
Европската унија, Соединетите Американски Држави и клучните западни сојузници дополнително ги проширија санкциите против политичката и економската елита на Белорусија поради анти-демократско однесување, кршење на правата и експлоатацијата на мигрантите од страна на режимот на Александар Лукашенко.
ЕУ почна со санкции кон Белорусија по спорниот реизбор на Лукашенко за претседател минатата година, а се засилени по инцидентите со илјадниците мигранти од Блискиот Исток кои се најдоа на границата на Белорусија со земјите членки на ЕУ – Полска, Литванија и Латвија.
Досега повеќе од 4.200 мигранти влегле во Литванија оваа година.
Белоруски извори рекоа дека илјадници мигранти биле вратени назад на Блискиот Исток.