Кина ги обвини САД за нарушување на духот на Олимписките игри со тоа што одлучија да не испратат дипломати или официјални претставници на Зимските олимписки игри во Пекинг во 2022 година.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лиџијан денеска изјави дека Вашингтон се обидува да се меша во престижниот спортски настан „поради идеолошки предрасуди и врз основа на лаги и гласини“.
Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки претходно рече дека „тековниот геноцид и злосторствата против човештвото во Синџијанг и другите злоупотреби на човековите права“ се основа за нивната одлука да немаат дипломатско или официјално претставување на Зимските олимписки игри кои почнуваат на 4 февруари, како и на Параолимписките игри што следуваат по нив.
Таа рече дека олимпискиот тим на САД има „целосна поддршка“ од администрацијата и нема да биде засегнат од дипломатскиот бојкот.
Жао денеска рече дека Кина ќе одговори со неодредени „одлучни противмерки“.
„САД ќе ја платат цената за своите постапки“, рече тој.
Меѓународниот олимписки комитет вчера соопшти дека присуството на владини претставници и дипломати на Олимпијадата е „чисто политичка одлука за секоја влада“, што тие целосно го почитуваат.
Стејт департментот соопшти дека околу 2 милиони Ујгури и други малцинства се затворени во логори во регионот Синџијанг. Прогонетите велат дека централната влада во Пекинг практикува верска репресија, тортура и присилна стерилизација во логорите.
Псаки рече дека САД ги информирале сојузниците за одлуката, но дека тие треба да одлучат дали исто така ќе ја бојкотираат Олимпијадата.
ЕУ вчера ги продолжи санкциите против Кина за уште една година поради злоупотребите против Ујгурите. Тие се насочени против поединци и ентитети „одговорни за сериозни прекршувања на човековите права и злоупотреби“. Санкциите беа воведени во март годинава. Тоа се први мерки што ЕУ ги презема против Кина поради прекршување на човековите права по масакрот на Тјенанмен во 1989 година.