На Македонија во овој момент не ѝ се потребни предвремени парламентарни избори и добро е што се зголемува парламентарното мнозинство за четири пратеници, изјави претседателот на НСДП Тито Петковски по завршувањето на средбата на премиерот Зоран Заев со партиите од владината коалиција.
Петковски рече дека на средбата разговарале околу тоа што како коалиција треба да направат за земјата да не се втурне во предвремени избори.
Инаку, како што беше најавено, на средбата претставниците на помалите политички партии од владината коалиција требаше да слушнат од премиерот Зоран Заев кои се владините приоритети по приклучувањето на Алтернатива.
Алтернатива на 4 декември одлучи дека ќе биде дел од Владата и од парламентарното мнозинство. Пред да биде донесена ваквата одлука, беа одржани неколку средби меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши.
Петковски рече дека Алтернатива го искористила моментот кога на Владата и треба помош и истапила со „максималистички“ барања и дека не станува збор за зачувување на државните интереси, туку преферирање на партиските интереси за да се добие политички профит и функции, наместо на прво место да се евроинтеграциите.
„Ако гледате низ призма што се нуди со зголемувањето на парламентарното мнозинство и што бара Алтернатива, проценител ќе каже дека Алтернатива бара многу од СДСМ и коалицијата. Местата што ги бара Алтернатива досега биле покриени од други политички партии. Не станува збор за новоотворени места, туку за места кои ги имале СДСМ, ДУИ, БЕСА и ДПА. Не се измислуваат нови работни места“, рече Петковски.
Тој додаде дека како партија не бараат ништо бидејќи најважно било да се зголеми парламентарното мнозинство и Владата да има сигурна поддршкка.
Мирослав Јовановиќ од Српската странка изјави дека преговорите ќе траат уште недела дена, а дека по изборот на новиот претседател на СДСМ на 12 декември, ќе седнат заедно со премиерот Заев да се договорат за останатите детали.
„Мислам дека идната недела околу 14-ти треба да се договориме за сите детали“, рече Јовановиќ.