Преговори и договори

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев во Владата имаше средба со претставниците на партиите од владината коалиција, во врска со договорот постигнат со Алтернатива за влезот на оваа партија во Владата.

МАКЕДОНИЈА - Протест пред Основното јавно обвинителство беше одржан денеска во организација на граѓанските иницијативи Шанса за Центар и Зелен Хуман Град. Демонстрантите побараа Обвинителството да ја извести јавноста во врска со иницијативата поднесена од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата во однос на изградбата на висококатниците на паркингот кај Холидеј Ин.

РУСИЈА / ИНДИЈА - Русија и Индија потпишаа голем број на трговски договори, како и договори за оружје за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин во Њу Делхи. Путин имаше средба со индискиот премиер Нарендра Моди, а меѓу потпишаните договори е и тоа дека Индија ќе произведе повеќе од 600.000 автоматски пушки калашникови.

ГЕРМАНИЈА / ИРАН - Германското Министерство за надворешни работи соопшти дека смета оти предлозите на Иран во врска со неговата нуклеарна програма не се прифатливи и дека очекува Техеран да се врати на меѓународните преговори со реални преговарачки позиции.

ЕУ / СРБИЈА / КОСОВО - Малку е веројатно дека наскоро ќе биде организирана нова рунда на дијалог меѓу Србија и Косово на највисоко политичко ниво. Претставници на ЕУ запознаени со процесот, сметаат дека во овој момент Приштина и Белград не се подготвени за конструктивно да се вклучат во процесот.

МАКЕДОНИЈА - Вкупно 231 пријава за несакани ефекти по примени вакцини против Ковид-19 се пријавени во Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, а двајца лекари во април и септември пријавиле несакани реакции за смртен случај поврзани со употребата на вакцините, изјави раководителката на сектор во МАЛМЕД Меријем Хаџихамза на денешна онлајн средба со новинарите на која учествуваше и в.д. директорот Љирим Шабани.

МАКЕДОНИЈА - Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски денеска изјави дека чека Влада да препорача цена на струјата за да достави понуда до ЕВН. Понудата до ЕВН Хоум треба да се достави до 9 декември за да почне со подготовки за реализација на планот за 2022 година, изјави Ковачевски денеска на прес-конференција во РЕК Битола.

РУСИЈА - Уште еден соработник на затворениот руски опозициски политичар Алексеј Навални ја напушти Русија, откако поранешните организации поврзани со критичарот на Кремљ, беа означени како екстремисти на почетокот од оваа година.

САД / МАКЕДОНИЈА - Заменик помошник државен секретар на Соединетите Американски Држави, Габриел Ескобар, кој е во прва посета на земјава, на прес-конференција со министерот за надворешни рабори Бујар Османи ја пренесе силната поддршката од администрацијата на САД за брза евроинтеграција на С Македонија.