Средба на Заев со коалиционите партнери во Владата

Претставници на партиите кои се дел од владината коалиција.

Премиерот Зоран Заев вечерва во Владата има средба со претставниците на партиите од владината коалиција, во врска со договорот постигнат со Алтернатива за влезот на оваа партија во Владата.

Претставниците на помалите политички партии од владината коалиција очекуваат да слушнат кои се владините приоритети по приклучувањето на Алтернатива.

Цeнтралниот совет на Алтернатива, кое е највисокото тело на партијата, на 4 декември одлучи дека партијата ќе биде дел од Владата и од парламентарното мнозинство. Пред да биде донесена ваквата одлука, беа одржани неколку средби меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши.

Пред почетокот на вечерашната средба со помалите партии во Владата, претседателот на Демократскиот сојуз кој е дел од владината коалиција, изјави дека на средбата треба да се видат програмските определби на Владата, а нагласи дека се прават и пошироки консултации по што ќе се донесе координиран заеднички став, но дека според неговите очекувања тој процес ќе трае уште најмалку месец дена.

„Демократскиот сојуз нема намера да уценува и да притиска. Сега Владата на СДСМ ќе биде малку покомотна, ќе има 64 пратеници во мнозинството, така што некои од коалициските партнери кои не се задоволни можат слободно да ја напуштат коалицијата“, рече Трајанов.

Тој посочи дека очекува да види во кои правци ќе се движи новата влада, како ќе се одвиваат разговорите со Бугарија и дали ќе се даде фокус на стратешките прашања.

Маја Морачанин – претседателка на партијата ДОМ изјави дека е важно да се види кои ќе се програмските приоритети на новата Влада.