Германија - Предлозите на Иран за нуклеарната програма се неприфатливи

Илустративна фотографија - знамето на Иран.

Германското Министерство за надворешни работи соопшти дека смета оти предлозите на Иран во врска со неговата нуклеарна програма не се прифатливи и дека очекува Техеран да се врати на меѓународните преговори со „реални“ преговарачки позиции.

„Ги разгледавме предлозите внимателно и темелно. Заклучивме дека Иран ги прекршил речиси сите компромиси пронајдени претходно во повеќемесечните напорни преговори“, изјави денеска портпаролката на Министерството.

Предлозите „не беа основа за успешен крај на разговорите“, додаде портпаролката. Преговорите во Виена имаат цел да го воскреснат закочениот нуклеарен договор од 2015 година. Преговорите имаа тежок старт минатата недела.

САД, кои го напуштија договорот во 2018 година, но сега се отворени за повторно приклучување на пактот под администрацијата на претседателот Џо Бајден, го обвинија Иран дека не е сериозно заинтересиран за нов договор.

Иран, кој одби да учествува во директни разговори со Вашингтон, соопшти дека не може да има нов договор доколку не бидат укинати сите санкции воведени против Техеран.

Според првичниот договор меѓу Техеран и светските сили, Иран се согласи да ја ограничи својата контроверзна нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите. Преговорите се планира да продолжат оваа недела.