Вкупно 231 пријава за несакани ефекти по примени вакцини против Ковид-19 се пријавени во Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, а двајца лекари во април и септември пријавиле несакани реакции за смртен случај поврзани со употребата на вакцините, изјави раководителката на сектор во МАЛМЕД Меријем Хаџихамза на денешна онлајн средба со новинарите на која учествуваше и в.д. директорот Љирим Шабани.
Хаџихамза и Шабани, во врска со двете пријави за смртните случаи, посочија дека станува збор за лица на 53 и 85 годишна возраст, но дека за нив се уште не докажана поврзаност со употреба на вакцините, односно дека станува збор за сомнежи и неофицијални податоци.
Хаџихамза наведе дека пријавите на натамошна обработка се испратени во мониторинг центарот Упсала и во Институтот за јавно здравје, а заедно со Шабани посочија дека ефектите од вакцинацијата биле далеку поголеми.
„Кога еден лек во случајов вакцина ќе се употреби, ако се пријави некое несакано дејство, тоа не значи дека е последична реакција од примената на вакцината“, рече Хаџихамза.
Таа додаде дека еден од пациентите имал многу коморбидитети и дека лично се сомнева оти причината за смртта била употребата на вакцината, но наведе дека тоа треба да го кажат „луѓето кои за тоа имаат компетенции.“
Во врска со пријавувањето на несакани реакции од вакцините против ковид, досега во МАЛМЕД добиле 133 пријави од лекари, 88 од фармацевти и 10 од други здравствени работници, рече Шабани.
Шабани рече дека пријавените несакани ефекти од сите вакцини се во рамки на предвидливите кои се наведени во упатствата, како главоболка, гадење, вртоглавица, болка во екстремитети, рамо, на местото на апликација.
„Исклучок од ова може да го спомнам случајот со миокардит од вакцината на „Фајзер“ која се утврди откако таа се пушти, која не беше предвидена од производителот, тоа се утврди од Европската агенција на лекови, тие направија соодветна варијација и ние дадовме варијација дека е можен несакан ефект очекуван во ретки случаи. Процентот на несаканите ефекти во однос на аплицираните вакцини е многу мал“, изјави Шабани.
Вакцинацијата против ковид 19 во земјава започна на почетокот на оваа година. Досега скоро 38 проценти од граѓаните се целосно вакцинирани, а процентот е 42,5 отсто заедно со оние кои примиле само една доза.
Ковид пандемијата започна на почетокот на 2020 година. Досега во земјава официјално се регистрирани над 217 илјади инфекции, а 7.641 луѓе починаа.