Владата до 9 декември треба да препорача цена на струјата

Работници на електричен столб

Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски денеска изјави дека чека Влада да препорача цена на струјата за да достави понуда до ЕВН. Понудата до ЕВН Хоум треба да се достави до 9 декември за да почне со подготовки за реализација на планот за 2022 година, изјави Ковачевски денеска на прес – конференција во РЕК Битола.

Ковачевски потврди дека во 2022 година кон ЕВН Хоум ќе испорачуваат 100 проценти електрична енергија наместо досегашниот минимум од 60 отсто.

„Ние како АД ЕСМ одлучивме наместо со минимум 60 отсто, во 2022 година кон ЕВН Хоум да испорачуваме 100 проценти енергија, и тоа ќе значи таа компанија нема да набавува дополнителни количества енергија, или со други зборови АД ЕСМ ќе остане чувар или стабилизатор на цената на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи“, рече Ковачевски.

АД ЕСМ како најголем производител на електрична енергија во државна сопственост ги вложи сите напори за вклучување на сите капацитети во тековната зимска сезона, соопштија од компанијата.

Од 9 ноември Владата прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор, а побара и продолжување за уште шест месеци, односно до 9 јуни 2022 година.