Уште еден соработник на затворениот руски опозициски политичар Алексеј Навални ја напушти Русија, откако поранешните организации поврзани со критичарот на Кремљ, беа означени како екстремисти на почетокот од оваа година.
Поранешниот шеф на огранокот на организацијата на Навални во Калининград, Александар Черников, денеска соопшти дека тој и неговото семејство моментално се во САД каде што побарале политички азил.
Според Черников, истражителите двапати го испрашувале во „случај за екстремизам“ откако судот во Москва претходно во јуни ги означи сите организации поврзани со Навални како екстремистички.
Пред неполни две недели, поранешниот шеф на мрежата на Навални во сибирскиот град Новосибирск, Сергеј Боико, кој исто соопшти дека тој и неговото семејство нема да се вратат во Русија од службено патување во неодредена земја затоа што се плашел од прогон.
Претходно уште една соработничка на Навални во Санкт Петербург, Ирина Фатјанова, рече дека ја напуштила Русија во неодредена земја.
Навални е во затвор од февруари, додека неколку негови соработници се обвинети за основање екстремистичка група.