Дополнетиот Предлог-буџет за 2022 година со прифатените амандмани во текот на расправата во собраниските комисии, денеска е доставен до Собранието. Предлог Буџетот го достави министерот за финансии Фатмир Бесими до претседателот на Собранието Талат Џафери. Буџетот за следната година треба да биде усвоен на пленарна собраниска седница најдоцна до 31 декември.
Вкупната вредност на прифатените амандмани изнесува 382 милиони денари, што е проценето како една од најголемите измени направена преку амандманската расправа.
Со дополнетиот Предлог-буџет за 2022 година расходите се планирани во износ од 272,4 милијарди денари, што претставува раст од 1,4 процент во споредба со 2021 година и се на ниво од 35,2 отсто од БДП. Приходите се планирани на 238,9 милијарди денари и се за 7,4 отсто повисоки од 2021 година. Оттука, буџетскиот дефицит се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 проценти од БДП.