Ескобар во Скопје

Заменик помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар

Заменик помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар денеска доаѓа во Македонија на средби со претседателот Стево Пендаровски и други функционери, соопшти Американската амбасада во Скопје. „За време на посетата, Ескобар ќе се сретне со претседателот Пендаровски и со други клучни функционери да разговараат за повеќе теми и за заедничките приоритети за регионот, наведуваат од Амбасадата на САД во објавата на фејсбук. Се очекува на средбите во Скопје да стане збор за актуелните политички случувања во земјава и во регионот, како и за евроинтеграцијата и бугарската блокадата на Северна Македонија.

Ескобар-Северна Македонија и Албанија да почнат преговори со ЕУ, во БиХ нема да има војна

Ескобар неодамна во обраќањето пред Комитетот на Претставничкиот дом за надворешна политика на САД се заложи Северна Македонија и Албанија да ги започнат преговорите со ЕУ пред крајот на годинава. „Најсилната порака што ЕУ сега може да ја испрати е да започне преговори за членство во ЕУ на Северна Македонија и Албанија пред крајот на оваа календарска година. Со тоа ќе се отфрли разочараноста на населението во регионот од европските политики и ќе се запре злонамерното влијание на Русија и Кина кои работат против проширувањето на ЕУ во Западен Балкан“, рече Ескобар. Во неодамнешното интервју за радио Слободна Европа, Ескобар изјави дека Северна Македонија и Албанија се подготвени за преговори со Европската Унија.