Ако има потреба ќе се прошири листата на производи со „замрзнати“ цени

илустрација

Можно е да се прошири листата на производи чии цени ќе се замрзнат, изјави денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.

Бектеши вели дека со донесувањето на одлуката основните прехранбени продукти, лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајното млеко, свежото месо и сувомесни производи, сирењето и урдата да се продаваат по цените што ги имале на 1 декември, не значи дека нема да се прошири одлуката и со другите производи.

„Одлуката за замрзнување на цените на основните прехранбени продукти ја донесовме со цел да нема поголемо влијание во делот на трошоците што граѓаните ги имаат, особено во време на енергетска криза, имајќи предвид дека цените на електричната енергија можат да влијаат директно и индиректно во зголемување на цените и на производството и на трговијата, било тоа да е трговија на мало или на големо“, изјави Бектеши.

Бектеши порача дека во време на пандемија и енергетска криза, потребна е солидарност и намалување на маржите во производство и трговија и оти државата, согласно капацитетите ќе излезе во пресрет на сите чинители во економијата.

Владата на Република Северна Македонија на 4 декември 2021 година донесе одлука да се замрзнат цените на основните прехранбени производи до 31 јануари 2022 година. Од Владата најавија дека ако има потреба таа одлука ќе биде продолжена.