Бенет побара цврст став против Иран во преговорите за нуклеарната програма

Израелскиот премиер Нафтали Бенет

Израелскиот премиер Нафтали Бенет ги повика светските сили да заземат цврст став против Иран во разговорите за ограничување на нуклеарната програма на Техеран. Израел со загриженост го следи продолжувањето на преговорите за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година.

„Ја повикувам секоја земја што преговара со Иран во Виена да заземе цврст став и јасно да му стави до знаење на Иран дека не може да збогатува ураниум и да преговара во исто време. Иран мора да ја плати цената за прекршувањето (на договорот)“, рече Бенет на седница на израелската влада.

Самиот Иран зазеде цврст став минатата недела кога продолжија преговорите во Виена, сугерирајќи дека за сè што беше дискутирано претходно може повторно да се преговара.

Земјата, исто така, не го забавува напредокот во својата нуклеарна програма додека се водат преговори, кои се клучни за намалување на тензиите на Блискиот Исток.

Целта на разговорите, кои продолжија по петмесечна пауза, е повторно да се воведат ограничувања на иранската нуклеарна програма.

Израел долго време се противеше на договорот со Иран од 2015 година, тврдејќи дека тој не може доволно да ја запре иранската нуклеарна програма и дека не се справува со военото мешање на Техеран во соседните земји на Израел.

Израел не преговара во Виена, туку комуницира со европските и американските сојузници за преговорите кои ќе продолжат следната недела.