Во своето обраќање кон барателите на азил кои живеат на грчкиот остров Лезбос, папата Франциск го опиша запоставувањето на мигрантите од страна на Европа како „потонување на цивилизацијата“. Римокатоличкиот понтиф, за време на неговата посета на мигрантскиот камп Мавровуни рече дека некои во Европа „продолжуваат да го третираат проблемот како прашање што не ги засега нив“.
Ваквиот став, рече Фрaнциск, „ги осудува на смрт оние кои се на работ“.
Кампот, во кој се сместени околу 2.300 баратели на азил од Авганистан, Сирија, Ирак и други земји е срцето на бранот мигранти кои се обидуваат да влезат во Европа во последните години. Франциск последен пат го посети Лезбос во 2016 година, кога островот беше главната точка за влез во Европа за повеќе од 1 милион луѓе кои бегаа од војната во Сирија и Ирак во тоа време.
Тој рече дека „малку се променило во однос на прашањето за миграцијата“ од тогаш. Посетата на папата Франциск беше дел од петдневното патување на Кипар и Грција, во кое доминираше мигрантското прашање, со фокус на илјадниците мигранти заглавени долж границата на Белорусија.