Партијата Алтернатива ќе биде дел од Владата и од парламентарното мнозинство, одлучи вечерва Цeнтралниот совет, највисокото тело на партијата.
Како што по состанокот изјави партискиот портпарол Орхан Муртезани, одлуката била донесена со мнозинство гласови во Централниот совет.
„Алтернатива одлучи да се приклучи на парламентарното мнозинство и да биде дел од оваа влада. Сметаме дека затворањето на спорот со Бугарија не е само државна, туку и албанска цел, затоа што со затворањето на тоа прашање, се отвора патот на целиот регион кон ЕУ. Дополнително, се договоривме Владата да бара меѓународна истрага за случаите каде што има сомнежи за политичка импликација, како што се: Монструм, Алфа, Диво насеље, Алмир Алиу итн. Договоривме и точки кои се однесуваат на правичниот регионален развој, економскиот развој на Липковско, заштитата на семејството како јадро на општеството, што е нашата основна програмска дефиниција, но и заштита на цената на струјата, која е исклучително важна во ова време“, изјавија вечерва од партијата.
Видете и ова: Таравари - Владата со Алтернатива нема да трае долгоНа оваа одлука ѝ претходеа три средби на партиските лидери Африм Гаши и Зоран Заев. Преговорите за влез на Алтернатива во Владата и за придружување на нејзините 4 пратеници на парламентарното мнозинство почнаа по напуштањето на Беса на Владата и по неуспешниот обид за изгласување на недоверба на Владата на Заев.
По вечерашната одлучувачка средба на највисокото тело на партијата Алтернатива не беа соопштени детали за евентуална распределба на ресори и позиции. Најавено беше само дека лидерот на Алтернатива, Африм Гаши и лидерот на СДСМ во оставка, Зоран Заев, утре во 13 часот ќе потпишат и официјален документ за оваа одлука.