Вест ги повика Талибанците да ги почитуваат правата на жените во Авганистан

Специјалниот претставник на Соединетите Држави за Авганистан, Томас Вест

Специјалниот претставник на Соединетите Држави за Авганистан, Томас Вест го поздрави декретот на Талибанците кој повикува на спроведување на одредени права на жените, но додаде дека е потребно многу повеќе за да се заштитат нивните права „во секој аспект на авганистанското општество“.

Указот беше издаден поради длабоката загриженост на западните влади, Обединетите нации и групите за човекови права за кршење на правата откако Талибанците ја презедоа власта во август.

Милитантите се под притисок да формираат инклузивна влада и да ги заштитат правата на сите Авганистанци, вклучително и малцинствата и жените.

„Го поздравувам денешниот декрет кој го зајакнува правото на жената да определи дали и со кого ќе се омажи. Во исто време, потребно е многу повеќе за да се обезбедат правата на жените во секој аспект на авганистанското општество, вклучувајќи ги училиштата, работните места, политиката и медиумите“, напиша на Твитер, Вест.

Декретот на Талибанците повикува на спроведување на голем број права на жените за бракот и правата на вдовицата кои се веќе вградени во шеријатскиот закон, но не ги спомнува клучните области кои предизвикуваат загриженост кај групите за права и западните влади, како што се образованието и работата.

На огромното мнозинство авганистански жени и на многу девојки им е забрането да работат, додека на жените им е одземено правото на образование, откако Талибанците ја презедоа власта.