Рускиот претседател Владимир Путин цврсто увери дека Русија нема да го поддржи назначувањето на високиот претставник Кристијан Шмит пред Советот за безбедност на Обединетите нации, рече Милорад Додик, член на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ).
Зборувајќи за неговата посета на Русија и разговорот со Путин во Москва во четвртокот на 2 декември, Додик истакна дека најмногу се разговарало за прашањата во БиХ.
Тој додаде дека пораките на Путин се јасни дека Русија е за почитување на Дејтонскиот договор и дека контактите на РС со Русија ќе продолжат да бидат директни, односно „без назначување специјални пратеници“.
„Русија е сведок на потпишувањето на Дејтонскиот договор. Русија има намера да земе активно учество во извршувањето на својата улога. Разговаравме за се што досега се правеше за измени на Дејтонскиот договор, а сега од шпекулативни причини се адресира до Република Српска“, рече Додик, наведувајќи дека Русија е на мислење дека домашните актери мора да преземат одговорност за решавање на проблемите во БиХ.
- Ескобар-Шмит: САД ќе направи се за да успее БиХ
- Мировниот договор во БиХ е во опасност доколку меѓународната заедница не дејствува
Додик рече и дека го информирал Путин за желбата да се вратат надлежностите од ниво на БиХ на ниво на РС и рече дека очекува на следната седница да биде познат датумот на специјалната седница на Народното собрание на РС. Според Додик, тема на разговор со Путин била и поддршката во изградбата на српско-рускиот храм во Бања Лука. Додик истакна и дека се договорил со руски ГАСПРОМ за изградба на гасовод низ Република Српска. Меѓудругото додаде и дека го информирал Путин дека „немаме намера да се движиме кон НАТО“.