Папата Франциск во тридневна посета на Грција

Папата Франциск, илустрација

На покана на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, папата Франциск од денеска е во тридневна посета на Грција, а освен средбите што ќе ги има во Атина, ќе го посети и прифатниот центар за бегалци и мигранти на островот Лезбос, јави дописничката на МИА од Атина.

За време на посетата, грчката престолнина ќе биде под строги безбедносни мерки, со ангажирани 3.500 полицајци и забрана за одржување на секаков вид протести и собири.

Папата ќе пристигне од Кипар, а ќе биде пречекан од шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, по што ќе се упати во претседателската палата.

Во текот на денешниот ден ќе се сретне со претседателката, со премиерот, со поглаварот на ГПЦ, додека пак утре наутро заминува за Лезбос, каде што ќе остане неколку часа и ќе ги посети бегалците сместени во прифатниот центар во Митилини. Сè уште нема информации дали, исто како и за време на неговото патување на островот во 2016 година, ќе земе во Ватикан бегалци, баратели на азил.

Мисата ќе биде под строги здравствени протоколи со 50 отсто исполнетост на капацитетот на салата, а се очекува да присуствуваат 900 верници и само со специјални покани.

Во видео пораката, во пресрет на патувањето на Кипар и во Грција, поглаварот на Римокатоличката црква, се осврна на Медитеранот, но и на неговата посета на Лезбос.

„Моите мисли се и со оние кои во последниве години, па и денес, бегаат од војната и сиромаштијата, пристигнувајќи на бреговите на континентот или на друго место, и не наоѓаат гостопримство, туку непријателство, дури и експлоатација. Тие се наши браќа и сестри. Колкумина ги загубија животите во морето! Денес нашето море, Медитеранот, е голема гробница. Како аџија на непресушните извори на човештвото, повторно ќе одам на Лезбос, верувајќи дека корените на заедничкиот живот повторно ќе процветаат само во братството и интеграцијата: заедно. Не постои друг начин и со оваа надеж доаѓам кај вас“, порача Папата.

Ова е 35-то патување, на папата Франциск во странство од неговиот избор во 2013 година, а последен пат, во Грција беше во април 2016 година, кога го посети островот Лезбос.