Европскиот комитет за спречување на тортура, нечовечко или понижувачко постапување или казнување на Советот на Европа ја прозва Хрватска за тешка злоупотреба на мигрантите од страна на полицијата и тешкотии и опструкции во соработката поврзана со постапување кон мигрантите.
Комитетот објави извештај за својата ад хок посета на Хрватска меѓу 10 и 14 август 2020 година, особено долж граничната област со Босна и Херцеговина, за да го испита однесувањето на хрватската полиција и правните гаранции кои им се на располагање на мигрантите лишени од слобода.
Хрватското Министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека извештајот е објавен без нивна согласност и се заснова на непроверливи информации од БиХ, со што Комитетот „очигледно ги пречекорил своите овластувања“.
Според извештајот, делегацијата на Комитетот детално ги разгледала и процедурите за постапување со мигрантите во контекст на нивното протерување од Република Хрватска, како и ефикасноста на механизмите за надзор и одговорност во случаи на наводна злоупотреба на полициските овластувања за време на таквите операции. Била извршена и посета на Прифатниот центар за странци Јежево.
Во извештајот се вели дека во разговорите со мигрантите, Комитетот „примил голем број веродостојни и едногласни наводи за физичко малтретирање мигранти од страна на хрватските полицајци, особено од припадниците на интервентната полиција“, пренесе Индекс.хр.
„Наводната злоупотреба се состоела од удари со рака (шлаканици), клоцање, удирање со палка и други тврди предмети во различни делови од телото“, се вели во извештајот.